});

Се одржаа петтите Горно – рекански средби

Со прикажување на дел од свадбарските обичаи, во селото Рибница, во општина Маврово-Ростуше, попладнево завршија петтите Горно-рекански средби.

На завршната манифестација во дворот на некогашното училиште во селото Рибница, иселеници, печалбари и малубројните мештани се потсетија на традицијата и животот на нивните предци низ неколкучасовна програма.

Членови на „Друштвото за култура Горна Река“ во колоритната носија и во придружба на оркестар со традционални инструменти низ песна и ора претставија дел од фолклорот на Албанците од регионот на Горна Река.

– Посакуваме да доаѓате почесто во родниот крај и огништето на вашите предци и да продолжите во негувањето на нивната традиција, а оваа манифестација да стане туристичка атракција и за развој на овој крај, рече Медат Куртовски, градоначалник на општина Маврово-Ростуше.

На завршната манифестација настапија неколку реномирани изведувачи на албанската традиционална музика и фолкористите од КУД „Дрита е Дервенит“ од Скопје

На посетителите им беа прикажани и неколку спортски игри, како фрлање камен, влечење јаже и борби на пеливани. За гостите и посетителите беше организран ручек со традционална јанија и алва приготвена во големи казани.

Организаторот „Друштвото за култура Горна Река“ додели признанија и плакети на заслужни лица, кои помогнале во промоцијата на манифестацијата и реканскиот крај.

Изминативе денови во рамки на манифестацијата беше организиран планинарски марш и турнир во мал фудбал.

Регионот на Горна Река во кој има 22 села, е еден од најслабо населените во земјава и во него постојано живеат педесетина семејства. Иселувањето од овој планински регион по долината на Радика било интензивно во шеесетите и седумдесетите години од минатиот век.