});

Се ограничуваат трошоците за брзи кредити до 200 евра

Крај за високите камати и трошоци кои компаниите за брзо кредити им ги наплатуваат на граѓаните. По бројни поплаки на населението дека ваквите кредити се нудат по многу лоши услови, министерството за финансии ќе покрене законски измени за максималните трошоци да не надминат 55% од главниот долг. Со измените се опфаќаат мали кредити под 200 евра што претходно, не беа законски опфатени. Стапката на вкупни трошоци кај некои од овие фирми достигнувала и до 500 отсто. Имало случаи кога за кредит од 12 илјади денари, по 3 месеци, се наплаќале вкупно 36 илјади денари. Од Организацијата на потрошувачи се задоволни бидејќи ограничувањето на трошоците ќе значи поголема заштита на граѓаните. Во Македонија се регистрирани 20 финансиски друштва што им нудат вакви кредити на граѓаните.

– Оваа измена е особено важна за сите нас како потрошувачи од причина што се ограничува годишната стапка на вкупни трошоци за потрошувачки кредити. Поволно за потрошувачите е тоа што со законските измени се овозможува законот да се применува и на кредитите до 200 евра кои досега не беа опфатени со овој закон, додека кај потрошувачите се создава заблуда затоа што најчесто овие кредити се рекламираат како кредити без камата, а всушност пресметаните трошоци претставуваат скриена камата. Од тие причини ОПМ апелира измените да бидат што побргу усвоени, рече Маријана Лончар.

Измените на Законот за заштита на порошувачите при договори за порошувачки кредити, кои од денеска ќе бидат изложени и на Единствениот национален електронски регистар – ЕНЕР.

– За да ги заштитиме граѓаните, а воедно и да го намалиме ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, ги направивме овие законски измени. Со нив се намалуваат и вкупите трошоци за кредитите. Со измена на законот, сега вкупните трошоци на кредитот се лимитираат на 55 отсто, или пет пати по стапката на казнената камата од 11 отсто. За споредба претходно не постоеше лимит, така што давателите на кредити за мали износи и куси временски рокови наплаќаа двојно или тројно повисока сума трошоци од главнината, изјави Елези.