});

Рекордно високи температури на 27 места во Португалија

Во Лисабон се измерени 44 степени Целзиусови, што е рекордна температура во главниот град на Португалија во последните 37 години. Како резултат на топлотниот бран што ја зафати земјата, рекордни температури се забележани уште на 26 места.

Највисока температура од 46,8 степени била измерена во Алвега, во централниот дел на Португалија, соопшти агенцијата АП.

Метеоролозите информираа дека на повеќе од 60 проценти од територијата на Португалија измерени се температури над 40 степени.

Тополиот воздух, коj доаѓа од Африка, на Пиринејскиот полуостров носи и прашина од Сахара и го зголемува ризикот од шумски пожари.

Повеќе од 700 пожарникари се уште се борат со шумскиот пожар во близина на португалскиот град Моншик, во јужниот дел од земјата. Шест лица синоќа се повредиле во обид да побегнат од пожар во близина на градот Естремоз, изјавија официјални лица, цитирани од страна на португалската државната телевизија РТП.

Во наредните денови, метеоролозите очекуваат мал пад на температурата, иако топлото време ќе се задржи, објави агенцијата АП.

И други европски земји се соочуваат со топлотниот бран, иако во Шпанија, според АП, нивото за предупредување е намалено од црвено на портокалово за поголемиот дел од југот на земјата, но и натаму се очекуваат температури во интервал од 40-42 степени.

Во Шпанија, неделава три лица загинаа како резултат на високите температури, пренесе „Франс прес“.