});

Притисоци врз администрацијата – фрчат казни и опомени

Му го одзеле компјутерот па дури и бирото и столчето и два пати го казниле со намалување на платата. Вработен во едно од министерствата се жали на постојани притисоци од претпоставените.

Уште лани добил наредба да го раздолжи службениот лаптоп со што останал без основно средство за работа, но како што вели тоа и не е толку голем проблем бидејќи воопшто не добивал задачи од раководителот. Во меѓувреме од канцеларијата му ја тргнале и работната маса но по неколку дена му ја вратиле.

Човекот кој веќе четири години е ангажиран во институцијата како помлад соработник се плаши да зборува пред камера и бара да остане анононимен бидејќи, како што објаснува, ако добие уште една казна ќе остане на улица.

Обвинува за селективност – на два пати му била намалена платата за по 20% бидејќи не се отчукал при излегување, а во списокот за редовност кој го достави до Алфа се гледа дека повеќемина го немаат евидентирано работното време, но тие според него минувале неказнети. Дополнително, во решенијата кои ги добил била погрешно наведена неговата работна позиција.

Ова е само последен во низата случаи во кои администрацијата се жали на притисоци. Претходно во нашата редакција се јави и друг вработен во државна институција кој бил казнуван неколку пати, но немал каде да ја обжали одлуката бидејќи второстепената комисија не функционира. И тој побара да остане анонимен.

Власта ги разреши членовите на државните второстепени комисии за инспекциски надзор и прекршочни постапки, како и за управна постапка и работни спорови.

Со ова е направен правен вакуум па административците немаат каде да се пожалат доколку сметаат дека се неправедно казнети.

На прашање на Алфа зошто е направено ова Министерството за администрација топката ја префрла кај Собранието, но ја обвинува и опизицијата бидејќи тие ја блокирале работата на законодавниот дом.

„На овој начин опозицијата директно врши притисок врз вработените во администрацијата и не им дозволува да ги остварат своите права“ велат од Министерството.

Сепак, власта не кажува зошто воопшто биле разрешени членовите за да има потреба од именување на нови.

Како опозиција СДСМ од една страна обвинуваше за партизирана и преобемна администрација и ветуваше дека ќе ја претвори во вистински сервис на граѓаните, но од друга се појави и изјава на Зоран Заев од 2010-та, уште пред да стане партиски лидер, во која најавува дека кога ќе дојдат на власт ќе следи чистка во јавниот сектор.

Чистките во јавниот сектор почнаа од градниките и училиштата – стотина воспитувачки и наставнички останаа без работа откако не им беа продолжени договорите, а на нивно место беа ангажирани нови.

Никола Крстиќ