});

Пендаровски: Ако не влеземе во НАТО а Косово се подели – Македонија прва ќе настрада

Дали Власта индиректно ги заплашува граѓаните со албанскиот фактор? Ако не влеземе во НАТО, а Косово се подели, тогаш неминовно Албанците ќе побараат поделба и на Македонија по етничка основа. Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски коментирајќи ги последните шпекулации дека во завршницата на преговорите меѓу Белград и Приштина големите сили на маса го ставиле припојувањето на северно Косово кон Србија, инсистира дека референдумот за Преспанскиот договор мора да биде успешен или Македонија ќе настрада во регионалните вртлози.

Сите знаат дека ако се оди на поделба на Косово, најголема или прва колатерална штета ќе биде Македонија, поради албанскиот фактор, чија бројка во Македонија е значајна и, ако северот на Косово во такви некакви планови се припои кон Србија, јас не можам да видам како албанскиот фактор во Македонија не би го поставил повторно прашањето на границите на Македонија – вели Пендаровски.

Тој потсетува дека ОНА во 2001 година барала протерување на славомакедонскиот окупатор од „албанските земји“ и дека во преговорите за Охридскиот рамковен договор албанската страна барала територијални решенија за етничките прашања, но дека американската делегација ја наметнала својата идеја за силна децентрализација во замена за поделбата на земјата. А и во 2006 година Контакт групата за Косово во декларацијата од 10 точки инсистирала дека на независно Косово нема да му биде дозволено да покажува аспирации кон Македонија.

Точката 6, иако не нѐ споменува, зборува за нас и вели дека „утре на независно Косово нема да му биде дозволено да се спојува со други држави во регионот и со делови од други држави во регионот“, и се знае на кого се мислеше. Со Албанија и со делови од Црна Гора и Македонија. Така што духовите на национализмот и екстремизмот во регионот при такво решение за Косово (поделба) евентуално би биле разбудени – вели Пендароски.

Идејата за поделба на Косово е актуелна деновиве откако дел од медиумите пренесоа дека Трамп и Путин во Хелсинки се согласиле Приштина да и отстапи територии на Србија во замена за признавање од Белград но и за припојување на Прешевската долина кон Косово. Српскиот претседател Вучиќ имплицитно во неколку наврати навести дека такво нешто е можно додека косовските власти, засега, ја одбиваат таквата можност.

Драган Милосављевиќ