});

Обвинителството не бара притвор за Јакимовски, само мерки за претпазливост

Нема притвор за екс градоначалникот на Карпош- Стевчо Јакимовски. Надлежниот обвинител до Судот поднел предлог на Јакимовски и останатите негови четворица соработници да им одреди мерки на претпазливост – повремено да се јавуваат во судот и да им се одземат патните исправи.
Политичка одмазда или злоупотреба? Што навистина се крие зад приведувањето на лидерот на ГРОМ, и поранешен градоначалник на Карпош – Стевчо Јакимовски. Кривичните пријави што денеска ги заработија тој и останатите, според Финансиската полиција, се заради злоупотреба на службената положба и овластувања за првиот човек на ГРОМ, а за соизвршителство е покрената и против М.Д., раководител на Секторот за јавни набавки, Н.Н. помошник раководител на Секторот за финансиски прашања, С.М. раководител на Одделението за норматива во правниот сектор и А.С., раководител на Одделението за сметководство.
Во соопштението на Финансиска полиција стои дека злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања Јакимовски и неговите соработници им овозможиле да се стекнат со противправна имотна корист на правните лица „Алконпроект“ во износ од 33.789.441 денари и С.М. „Компани“ во износ од 2.845.234 денари, со што го оштетиле буџетот на општината Карпош вкупно за 36.634.675 денари.
Јакимовски, како што се наведува во соопштението во својство на градоначалник на општина Карпош во текот на 2012 и 2013 година ја злоупотребил службената положба и овластувања со тоа што во име и на сметка на општината спровел две постапки за јави набавки.
Станува збор за јавните набавки бр. 87/2012 и бр.187/2012. Иако знаел дека правното лице Алконпроект ДООЕЛ Тетово во двете постапки за јавни набавки не доставило банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот за што било должно, согласно тендерската документација и член 48 од Законот за јавни набавки, тој ја продолжил постапката.