});

На СДСМ се уште му е криво ВМРО-ДПМНЕ за економската состојба во државата

Откако вчера се задолжи за 4 милиони евра повеќе од планираното, денеска од министерството за финансии без конкретен одговор зошто го направиле тоа. Заменик министерката за финансии Ширет Елези не образложи зошто беа понудени 32 и пол милиони, а граѓаните ги задолжија за 36.6 милиони евра. Само напомена дека во јули кога банките понудиле помалку пари, тие се задолжиле помалку. Меѓутоа, остана нејасно поради која причина кога побарувачката е поголема, министерството одлучи да се задолжи со повисока сума, дали можеби им требаат повеќе пари и за која намена.

„На почетокот на јули се задолживме 10 милиони евра, а вративме 12 милиони. Тоа е делот што зависи од рочноста и структурата на хартиите од вредност. Ако во 2012 година структурата на портфолиото на државните хартии од вредност беа 93 проценти краткорочни, и само седум долгорочни, сега 60 се долгорочни и 40 краткорочни и со тоа го избегнвуаме ризикот за рефинансирање“ – изјави Ширет Елези.

Континуираните задолжувања го доведоа јавниот долг до ниво од 47.7%, а државниот до 39.9% од БДП. И покрај тоа што стручната јавност алармира дека долгот се зголемува во услови кога нема капитални инвестиции, а економијата е во стагнација, од министерството за финансии се правдаат дека морале да враќаат стари долгови. Допрва ќе правеле напори за реализирање на капиталните инвестиции кои имаат катастрофална реализација од 16% за половина година.

„Правиме напор и сите институции ги притискаме да ги реализираат капиталните инвестиции во наредниот период. Затоа правевме и одредени анализи, ако има пореба ќе се прави ребаланс на буџетот за да ги прераспределиме таму каде има потреба од буџетските корисници за да се реализираат“ – истакна Елези.

За министерството за финансии, високиот јавен долг не е проблем. Владата вети дека ќе го стави долгот под контрола, но од друга страна, ја измени среднорочната фискална стратегија. Ако во декември лани предвидуваше јавниот долг да достигне 53 и пол проценти од БДП до 2020-та, сега си даде поголема комоција да се задолжува повеќе, односно до ниво на долг од скоро 55% од БДП.

Тања Попова