});

На интернет страницата на Интерпол нема потрага по осомничениот убиец на Саздо

Осомничениот убиец на Никола Саздовски –Саздо го нема на интернет страницата за меѓународни потраги на Интерпол. Јетон Љужа трето-осомничениот за убиството на членот на „Комити“ е во бегство, според некои извори тој е на Косово, а според други се крие кај роднини во Шведска.

По одлуката на Јавното обвинителство, МВР распиша меѓународна потерница по Љужа, но на официјалната страна на интернационалната полициска асоцијација нема никаква потрага за него. На нивниот официјален портал постојат меѓународни потери по вкупно четири лица од Македонија, а за еден од бараните криминалци има поставено две фотографии. За Љужа нема ништо, исто како и за цела дузина македонски државјани за кои МВР има распишано меѓународна потерница, меѓу кои и двајца од осомничените за масакрот кај Смилковско езеро, или за лица кои се бараат подолго од 15 години за сторени тешки кривични дела во земјава. Според објаснувањата кои ги добивме од експерти запознаени со начинот на работа на Интерпол, по сите овие лица постои посебен начин на потрага која што не мора да биде објавена на интернет е комуникација со националните полиции членки на Интерпол.

Инаку убиството на Саздовски на автобуската станица во Автокоманда, од страна на три лица од друга етничка припадност и првобитниот молк на институции за случајот, предизвикаа жестока реакција на јавноста и протести на членовите на неговата матична навивачка група. Јавното обвинителство потерницата за Љужа ја објави дури 20 дена откако почина Саздовски, а двајцата првообвинети беа притворени.

 

Драган Милосављевиќ