});

Летаат казни во државната администрација, вработените алармираат дека немаат каде се пожалат

Ме казнија два пати во државната институција каде сум вработен и нема каде да се жалам, со ваква приказна во нашата телевизија се јави човек кој стравува за своето работно место. Второстепената комисија надлежна за инспекциски надзор и прекршочни постапки е разрешена, и сега тој нема каде да се пожали за, како што рече, неоснованоста на одлуката на неговиот претпоставен-да биде казнет. Разбирливо, сакаше да остане анонимен, затоа и не ја откриваме државната установа каде што работи ниту неговиот идентитет.

Споменатата државна второстепена комисија покрива околу 70 отсто од административците- но таа не постои-нејзините членови се разрешени и тоа за време на владеењето на новата гарнитура. Практично, тоа значи дека, во овој момент јавен службеник кој е казнет по било каква основа, нема каде да се жали. И не само оваа, разрешена е и уште една исто толку клучна второстепена комисија – за управна постапка и работни спорови. Сега вработените се во ситуација на страв да не добијат казни, по партиски, политички или по други основи- оти нема каде да се обжалат.

Веќе извесно време, административци се гневни дека добиваат суспензивни решенија оти припаѓаат или се симпатизери на невладејачката гарнитура. Суспензиите не можат да ги оспорат, а решенијата за нив, според закон, можат да траат и додека трае дисциплинската постапка- која пак може да се оддолжува и до 5 години. За цело тоа време, вработениот е под суспензија а му е оневозможено правото да се жали.

Дали е ова форма на притисок на власта врз административците во пресрет на кампањата и референдумот? Зошто второстепените комисии се разрешени а работничките права одземени? Алфа денеска го праша Министерството надлежно за јавната администрација. Иако комисиите се разрешени за време на оваа власт и не се формирани нови, од министерството одговорноста ја лоцираат во Собранието. Практично сега непостоеле заради непостапување по случаите со години – велат од кабинетот на Манчевски. Вината била во блокадата на собраниската Комисија за избори и именувања, која ја води пратеникот Илија Димовски.

„На овој начин опозицијата директно врши притисок врз вработените во администрацијата и не им дозволува да ги остварат своите права. Ова не значи дека за никаков притисок од Владата, туку уште еден обид на опозицијата да ги оспорува и кочи реформите.“ велат од Министерството за информатичко општетство и администрација

Нашиот соговорник останува безнадежен. Стравува дека со уште една казна, неоснована по ниеден правен акт- како што вели, може да остане без работа.