});

Косово решава дали ќе ја укине одлуката за повисока царина

Се поизвесно е дека Косово денеска ќе ја укине одлуката за воведување повисока царина за увоз на земјоделски производи. Косовските власти попладне ќе одржат состанок на кој треба да пресечат дали ќе се повлече одлуката за царинење на овошјето и зеленчукот со 30 проценти.
Седницата на косовската влада доаѓа по вчерашната остра реакција на Европската комисија, која по негодувањата на земјите од регионот ги повика властите во Косово да ја преиспитаат одлуката.

„Жалиме што заштитните мерки остануваат на сила за другите земји, вклучително регионалните партнери на ЦЕФТА. Ова е загрижувачки и штетно за регионалната економска соработка. Затоа, Европската комисија итно го повикува Косово да се однесува конструктивно за да ја реши ситуацијата без одлагање, особено со оглед на тоа дека косово моментално претседава со ЦЕФТА“, велат од ЕК.

Во меѓувреме, доцна попладне и министерот за економија Крешник Бектеши закажа прес конференција на која ќе соопшти дали косовската Влада ги земала в предвид аргументите на македонските власти за намалување на царините.

Додека Македонија ја чека одлуката на Косово, земјоделците бараат итно решение. Тие викендов апелираа до Владата итно да воведе контра мерки, бидејќи како што велат штетите кои ги трпат се огромни.

Косово ја воведе одлуката за 30 отсто повисоки царини на 18 јули. Првично беше најавено дека ќе остане во сила три месеци. Во меѓувреме, под притисок на земјите од регионот, беше намалена царината за 13 земјоделски производи, но остана сумата од 30 отсто за сезонските овошја и зеленчуци. Деновиве границата кон Косово ја минуваат по два до три камиони со овошје и зеленчук. Пред воведување на повисоките даноци и до 30-тина камиони дневно носеа стока кон Косово.

Биљана Божиновска