});

Инсулин со краток рок за дијабетичарите – се стравува од нова инсулинска криза

Инсулин со рок кој истекува во септември им се дели на пациентите со дијабет. Меѓу нив и мали деца, кои лекот треба да го примаат месец и половина. Скандалот вчера преку социјалните мрежи го обелодени пациентка. Таа ги земала инјекциите со речиси изминат рок. Фрапирана од несериозноста на министерот, го прашува дали после две недели ќе треба терапијата да ја прима со поминат рок?

„Филипче, што правиш, дали си свесен воопшто што правиш??? На сите дијабетичари тип 1, меѓу кои најголем процент се деца и млади луѓе, ни дадовте инсулин чиј што рок е до 9-ти месец !!!! Како можеме да ги употребиме сите тие флакончиња за 2 недели???? Што е ова, убиство? После треба со поминат рок ли да земаме инсулини? Па вчера вакви инсулини, кои имаат рок на траење уште две недели и кои се донација, им дадовте на деца, кои чекаа пред мене. Ова НИКАДЕ ГО НЕМА“, напиша на Фејсбук револтираната пациентка.

Откако медиумите ја пренесоа информацијата, статусот беше повлечен од социјалната мрежа.

Инсулинот со краток рок е донација. Со него требаше да се пополни дупката која настана поради недостигот на инсулинска терапија. Дијабетичарите стравуваат дека од следниот месец ќе останат без инсулин, бидејќи тендерот за набавка на нов се уште не бил распишан. Од Министерството за здравство објаснуваат дека тендерот ќе бил распишан следната недела и додаваат дека нема да има недостиг од инсулин за пациентите.

„Инсулинот кој е со рок на траење до 30.09 веќе е потрошен во месец јули или го има во многу мали залихи во неколку инсулински аптеки. Пациентите се снабдуваат со количина која се троши во рок до 30 дена. Од 15 август веќе се обезбедени и ќе се дистрибуираат инсулини Новорапид со рок на траење повеќе од 12 месеци“, велат од Министерството.

Проблемот со инсулинот трае со години. Пациентите во повеќе наврати алармираа до надлежните дека терапија нема и оти се оставени сами да се борат со болеста. Дијабетичарите често се жалеа и на квалитетот на инсулинската терапија.

Биљана Божиновска