});

Изгласана одлука за референдум за името на 30 септември

Собранието на Република Македонија со 68 гласови „за“ и без „против“ и „воздржан“ и во отсуство на опозицијата  попладнево донесе одлука на 30 септември 2018 да се одржи референдум за името кој ќе биде консултативен. Одлуката за распишување на референдумот беше изгласана со апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници.

Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Од името на 69 пратеници кои во Собранието ја поднесоа Предлог-одлуката за распишување на референдумот, се обрати координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев кој истакна дека се работи за историска одлука што треба да обезбеди иднина на државата за сегашните и за идните генерации.

Според Тунтев, референдумот е можност граѓаните да ја препознаат и да се определат за европската иднина на Македонија, што ќе се овозможи со целосно спроведување на договорот со Република Грција.

– Денеска за нас пратениците, а на денот на референдумот на сите граѓани на РМ, ќе биде одговорноста да одлучат каде ја гледаат нашата држава. Дали изолирана, бесперспективна, постојано под безбедносни закани со меѓуетнички конфликти, нестабилна, економски неразвиена, без владеење на правото и заробена во корупција, или Македонија која претставува рамноправен партнер на европско и на светско ниво под заеднички безбедносен покрив, просперитетна и економски стабилна, рече Тунтев, повикувајќи на поддршка и од опзоицијата, невалдиниот сектор и сите граѓани.

Нагласи дека на Договорот со Република Грција мора да се гледа како на договор за македонската иднина.

– Никогаш никој не ќе потпишеше договор со Република Грција доколку тоа не беше услов Република Македонија да стане рамноправна членка на НАТО Алијансата и на ЕУ, рече Тунтев.

Посочи  дека со договорот се заштитени македонскиот идентитет и историското и културно наследство, се дефинира дека официјален јазик на државата е македонскиот јазик, а државјанството – македонско, како и дека не се менуваат химната, грбот и знамето како државни симболи.

– МК и мкд остануваат меѓународно прифатени и препознатливи кодови. Со исполувањето на договорот ќе престане да важи референцата ФИРОМ и ПЈРМ и нашата земја ќе биде заведена во ОН под името Република Северна Македонија преведено на сите јазици, рече Тунтев.

На гласањето не учествуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои излегоа од собраниската сала. Претходно, по обраќањето на Тунтев, нивниот пратеник Никола Мицевски го изнесе партискиот став дека референдумското прашање е непрецизно, повеќезначно и манипулативно за јавноста. Со тоа што е консултативен референдумот, рече тој, се отвора можност резултатот да се толкува како што се сака.

Ја прозва Владата дека процесот го тера, како што рече, по нивна зацртана рута и сакаат да го изманипулираат народот, без да ги види сите факти и аргументи.

– Даваме целосна поддршка за влез во НАТИО и ЕУ и најголем дел од чекорите Македонија ги има изодено, но денес имаме ссосема друга точка, усложнета со тоа што стои во предлог-одлката. Со тоа што се планира да биде консултативен, тој е само форма и отвора можност резултатот да го толкувате како сакате, рече Мицевски.

Истакна дека самиот премиер од говорница во Собранието ветил  дека референдумот ќе биде обврзувачки и дека резултатот од него ќе биде волјата на народот.

– Денес во член 1 имаме предлог за референдум за консултирање на граѓаните на РМ. Не е прецизно формулирано, двосмислено е и повеќезначно, манипиулативно и граѓаните се доведуваат во заблуда. Очекуваат едно прашање, а треба да одговараат на други. На вака поставено прашање, согласно Закон за референдум, за граѓаните на гласањето треба има три ливчиња за секое прашање. Брутално ја кршите уставната практика и ја газите демократијата. рече Мицевски, додавајќи дека со формулацијата догворот со Грција се поистоветува  со НАТО и ЕУ.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе два амандмана на Предлог-одлуката за распишување референдум кои се однесуваа на член 1, но тие не присуствуваа кога нивното разгледување беше  ставено на дневен ред, и беа одбиени на гласањето.

Во текот на расправата, поддршка за Предлог-одлуката и повик до сите граѓани да го поддржат упатија Реџеп Мемеди од Движењето Беса и Џеват Адеми од ДУИ. Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, пак, во текот на расправата рече дека референдумот не е потребен и дека ќе гласаат воздржано. Забележа што со Договорот со Грција  се елиминираат, како што рече, другите народи од личните документи, и што албанскиот не стои како службен јазик.

По изгласувањето на Одлуката за референдум, Собранието е на получасовна пауза по која седницата ќе продолжи по уште две точки од дневниот ред – Предлог-одлука  за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, со која се обезбедуваат пари за спроведување на референдумот, и Предлог-законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон, по скратена постапка.