});

Земјоделците гневни – катастрофална откупна цена на пченицата

Врие меѓу македонските производители на лебното зрно. Незадоволни и гневни од екстремно ниската откупна цена од само 7,5 денари за килограм пченица, која е и најниска во регионов, тие се закануваат дека ќе мораат да го прекинат понатамошното производство на жито. Според нив, недозволивата незаинтересираност на државата и отсуството на развојна производно-откупна стратегија, како и се’ полошите временски услови, оваа поледелска година ја направиле убедливо најлоша година досега.

Крајно загрижени за тоа што ќе се случи со годинашниот род, од кој дел е веќе собран, а дел се’ уште е по полето, но и како ќе преживеат, поледелците бараат задолжително воведување на т.н. “интервентен откуп”, кој според Законот треба да се спроведува на почетокот од жетвата, а по претходно утврдени и загарантирани цени.

Инаку, според проценките на НФФ, годинава, на македонските житници се очекуваше да бидат произведени 200.000 тони пченица, но, заради наведените проблеми родот ќе биде преполовен, а значително се намалени и површините. Државата зеде обврска да откупи само околу 70 илјади тони пченица. Иако пченицата е стратешка култура, на денешната средба во Прилеп, немаше претставник од ресорното министерство, што, за жал, не било прв пат, резигнирано реагираа фармерите.

 

Каролина Дурло