});

Захариева: Илинденското востание е бугарско, Каракачанов: Заев да чита историја

Илинденското востание географски може да биде наречено македонско и тракиско но историски е само бугарско. Бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева е последната во низата високи функционер кај источниот сосед кои по заедничката прослава во Благоевград, инсистираат на бугарскиот карактер на најважното македонско востание. Нејзината изјава е во насока на заштита на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој од опозициската Социјалистичка партија беше обвинет дека ги продава бугарските национални интереси, бидејќи наводно му дозволил на македонскиот колега Заев „да ги стави на искушение кревките темели на добрососедството“ со тоа што рекол дека Илинденското востание е македонско. Захариева на изјавата од лидерката на социјалистите Корнелија Нинова одговара дека не прифаќа историски поуки од оние што му ги предале коските на Гоце Делчев на Тито.

-Госпоѓа Нинова бидете мирни, владата ги штити националните интереси. Не прифаќаме поуки како треба да се бранат националните интереси од партијата која во 1946 година ги предаде коските на Гоце Делчев на Титова Југославија. Истата партија-држава насилно го менуваше идентитетот на сопствените граѓани и ги тераше да се изјаснуваат како Македонци – изјави Захариева.

Речиси истовремено со неа, бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов го осуди Заев за изјавата дека Илинден е македонски и побара официјална реакција од бугарското министерство за надворешни работи. Вели дека разбира оти Заев е напаѓан во сопствената земја поради потпишаниот Договор за добрососедство и дека сега се обидувал на таков начин да се извлече од критиките, но му порача, ако навистина верувал во своите зборови дека востанието е македонско, тогаш да започне да ја чита историјата.

Претходно бугарскиот претседател Радев исто така инсистираше дека Илинденското востание е дело на бугарскиот народ од Македонија и Тракија.

Од македонска страна на сите овие изјави нема никаква реакција.

Драган Милосављевиќ