});

Законско пеглање на училишниот превоз со “ќор фишек“

Група на пратеници иниицираа дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, с`е со цел, да се уреди бесплатниот превоз на учениците од основните и средните училишта, а цените на превозниците да се стават во рамки на утврдените тарифи за останатите патници, или попросто речено под контрола, им се исплаќало тоа или не. Оваа законска корекција доаѓа некако по мерка и потреба на локалната власт во Битола, каде што во второто полугодие неколку стотини ученици останаа без превоз, а родителите мораа да го плаќаат од својот џеб. На последната седница на Советот, опозицијата побара рефундирање на потрошените средства, но власта остана глува.

„Како резултат на неспособноста на Наташа Петровска да се справи со обврските што произлегуваат од функцијата градоначалник, во изминатата учебна година неколку стотини ученици останаа без законски загарантираното право на бесплатен училишен превоз- рече Иванчо Тошевски, координатор на ВМРО ДПМНЕ.- Она што се случи во минатите месеци е недозволиво и нормално, ние како избраници на граѓаните кои ги штитиме нивните права, сметаме дека надокнадата што ја платиле граѓаните, треба да бидат обештетени“ – рече Габриела Илиевска од Граѓанската иницијатива “Поинаку“.

Сегашниот тендер за новата учебна година кој ќе заврши до крајот на август, некако се пресретнува со дополнувањето на Законот. Но, скратената постапка, ќе создаде и нови проблеми, особено за оние ученици што живеат со два до педесет километри оддалеченост од училиштата.

Дополнувањето на законот што го иницира група на пратеници по скратена постапка, во никој случај не може да ги реши проблемите со ученичкиот превоз. Тоа доаѓа отприлика како една дупка можеби ќе затворат, но најмалку две ќе се отворат и особено најпроблематично ќе биде решавањето на превозот на учениците кои живеат најдалеку од училиштата во кои посетуваат настава.

Превозниците прашуваат, како ќе се оствари меѓуопштински превоз за ученици таму каде што го нема? Како на пример, ќе се превезуваат учениците од Могила и околните села, или од Општината Новаци со селата Живојно, Бач, Рибарци, Арматуш? Или кој ќе биде ексклузивен превозник од Ресен до Битола кога има два превозника, а уште повеќе, како до Ресен ќе се превезуваат децата од  Брајчино, Избиште или Стење? Училишниот превоз, барем засега е рак рана за оваа локална валаст, а училиштата останаа без струја и со блокирани сметки. Тие спасот го бараат  во централниот буџет и се правдаат со претходниците, а една учебна година веќе им помина во нивниот багаж.

Петар Стефановски