});

Дуото „Сора“ вечерва ќе настапи на „Охридско лето“

По синоќешниот роденденски концерт на групата „Синтезис“ музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со настап на Дуото „Сора“ во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.

Дуото „Сора“ го сочинуваат јапонската саксофонистка Учида и македонскиот уметник кој свири хармоника, Фати Фехмију. На програмата на вечерашниот концерт ќе бидат композиции од Јохан Себастијан Бах, Александар Бородин, Антонио Вивалди, Алесандро Марчело, Астор Пјацола, Бела Барток, но и традиционални македонски песни, сите во аранжман на дуото.

Дуото „Сора“ е основано во 2015 година, а само година подоцна го одржува својот прв концерт. Оттогаш редовно настапуваат на разновидни настани, на кои изведуваат свои композиции, аранжмани на познати дела, како и дела од класичната музика, традиционалната и народната музика, како и филмската музика, свирејќи притоа на различни инструменти – саксофон, хармоника, пијано, виолина и други. Дуото е добитник на специјалната награда од публиката на 14-от концерт во салата Јуме во Јапонија во 2016 година.

Учида Шиори започнува да учи пијано на двегодишна возраст, а саксофон 10 години подоцна. Дипломира на Колеџот за музика „Кунитачи“, а како резултат на успешните студии започнува да настапува како солист со Универзитетскиот симфониски оркестар и други камерни состави. Студирала под менторство на Кумои Масато, Араки Коичи и Коџи Јуреи – професори и вистински професионалци во својата дејност. Посетувала и мајсторски курс кај познатиот американски саксофонист Фредерик Л. Хемке.

Фати Фехмију своето музичко образование го започнува свирејќи хармоника и виолина. Уште од рана возраст го привлекува композицијата, па затоа паралелно се запишува на академски студии по виолина и композиција. Магистрира музикологија и музичка педагогија, а воедно студира и компјутерска музика на Колеџот за музика „Кунитачи“ во Токио, каде ги започнува и своите докторски студии. Во кариерата соработувал со истакнати артисти, а добитник е и на повеќе награди.