});

Денеска ќе се знае колку фирми кои добија грантови се поврзани со луѓе од власта

Ќе има ли крај на скандалите за јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој за кофинансирање на микро, мали и средни претпријатија од Планот за економски раст?

Со цел да ги се смираат бурните реакции во јавноста поради парите што ги добија компании блиски до власта, од фондот за иновации, делувајќи по насоки од премиерот Заев, им дадоа две недели на 79 компании од првиот инвестициски бран да достават изјава со која што ќе потврдат односно негираат дали во својата сопственичка структура имаат лице кое е носител на јавна функција или член на неговото потесно семејство. Рокот истекува денеска.

Лично, Вицепремиерот Анѓушев сам на себе си додели 160 илјади евра, поточно на фирмата „Каст инвест“ во која е ко-сопственик. Анѓушев изјави дека не гледа конфликт на интереси, бидејќи бил транспарентен, се објавил во анкетниот лист и знаел дека ќе аплицираат на повикот, но, како што посочи не ургирал за да го добијат грантот.

Освен Анѓушев, се откри и дека печатницата на пратеникот од СДСМ Хари Локвенец добила 162 илјади евра од Фондот за иновации, исто колку и весникот „Слободен печат“ за набавка на печатарска машина.

Над 330 илјади евра и беа доделени на фирмата „Декодикс“, за проект „Декодирај ме“, каде косопственик е снаата на Цветанка Ласкова, а според обвинувањата на опозицијата снаата на советничката на премиерот Заев ја основала фирмата само 45 дена пред да си добие грант.

Ова не беше оценето како спорно од страна на директорот на фондот, бидејќи како што посочи, дел од парите не се доделувале само за иновации, туку и за технолошки развој.

Првиот јавен повик за финансирање на микро, мали и средни претпријатија од Планот за економски раст е со вкупна сума од 10 и пол милиони евра.

А грантовите го мотивараа премиерот Заев да се оправда и никој да не понесе одговорност. Според него „ако така лесно се бараат оставки, нема никој да се нафати на државна функција“.

Сања Трајковска Ставров