});

Велковски поседува „Ауди А4“ од милион денари, но ќерка му морала да патува со „роверот“?!

Пропусти во процедурата. Ова е причината поради која министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бара разрешување на првиот човек на Бирото за јавна безбедност. Не се споменува злоупотреба на службената положба и користење на државни ресурси за приватни потреби.

Барањето за разрешување уследи по четиридневните обиди за прикривање, објавување дезинформации и полувистини, а и притисок на медиумите и јавноста, Спасовски реши да побара „смена“ на Лазо Велковски за „прошетката“ на полицискиот „Ренџ ровер“ низ грчките туристички места.

Директорот на Бирото за јавна безбедност сам си заклучил дека има закана за неговата и безбедноста на неговото семејство, поради што проценил дека неговата ќерка не треба да патува сама, па одлучил да ангажира член од своето обезбедување да ја придружува. Ова е наведено во последното соопштение од МВР.

Не е познато од кого и од кога првиот човек на БЈБ трпел закани, дали истите се пријавени и како е постапено по нив, а МВР премолчи и за тоа дали имало и други слични случаи, службено возило, без официјално одобрение од министерот да патува во странство.

И претставници на владејачката коалиција сметаат дека има пропусти во извештајот на внатрешната контрола за овој случај. За Павле Богоевски, еден од нецелосните податоци е и кога службениот налог бил издаден.

Од друга страна, според податоците од анкетните листови за имотната состојба на функционерите, директорот на БЈБ поседува Ауди А4, проценето на 1 милион денари. Останува нејасно, зошто неговата ќерка не можела да патува со него, туку морала со полицискиот „Ренџ ровер“.

Од Владата нема одговор на прашањето кога ќе биде разгледуван предлогот на министерот Спасовски за разрешувањето на Лазо Велковски. Од таму веќе неколку дена не одговараат на прашањата на Алфа поврзани со овој скандал.

Неизвесно е дали премиерот Зоран Заев ќе остане на ставот дека не треба лесно да се бараат оставки.
Останува времето да покаже дали премиерот Заев ќе ја уважи констатацијата на Спасовски „оти Велковски не ја запазил процедурата, кога решил, без параф од министерот, да ја пушти ќерка му на кампување во Грција, плашејќи се за нејзината безбедност“.

Сања Трајковска Ставров