});

Греко: разочарувачки резултати на Македонија во борбата против корупцијата

Катастрофални резултати во борбата со корупцијата во Македонија. Во земјава нема суштински напредок во борбата против корупцијата меѓу пратениците во Парламентот, судиите и обвинителите, оценува „Греко“, телото на Советот на Европа, за борба во оваа област. Во најновиот извештај на Греко се вели, дека резултатите во Македонија се “очигледно разочарувачки“ и ги повикуваат властите да преземат конкретни мерки, согласно препораките кои им биле дадени пред 4 и пол години..
Досега властите имплементирале само 6 од 19 препораки, вели Советот на Европа.

Во однос на пратениците, ниту една од препораките не е имплементирана ниту делумно, освен кодексот за пратениците. Тука спаѓаат препораките на ГРЕКО за воведување интерни механизми во Собранието за спречување конфликт на интереси и земање подароци или, пак, прифаќање услуги.

Што се однесува до судиите и обвинителите, во извештајот се констатира дека Македонија направила само ограничен напредок. Лошо е оценета и работата на Антикорупциската комисија. Греко смета дека немало никакви активности за поголема контрола и функционирање на побалансирана и аполитична Државна комисија за спречување на корупција.
Греко заклучува дека нивото на усогласеност со препораките е “глобално незадоволително“ и бара од шефот на делегацијата за Македонија да презентира нов извештај за напредокот во имплементацијата на препораките, што е можно побрзо, најдоцна, до 30-ти јуни следната година.

Тања Попова