});

Бројот на загинати во пожарите во Грција се искачи на 76 лица (ВИДЕО)

Бројот на жртви во пожарите во областа Атика во Атина, се искачи на 76. Точниот број на исчезнати се уште не е утврден,  бидејќи не е завршена акцијата на спасувачките екипи за проверка на сите домови, хотели, автомобили зафатени од пожарот. Хоспитализирани се 187 луѓе.  Фактот што голем дел од пронајдените безживотни тела се јагленосани, дополнително ја  отежнува идентификација на жртвите. Роднините на исчезнатите отворија интернет-портал со фотографии на луѓето чија судбина е непозната. Постои стравување дека бројот на жртвите ќе достигне  троцифрен број.

Населбите погодени од пожарот, се без вода и електрична енергија.

Спортската сала во населбата Рафина, од вчера е адаптирана, со кревети, душеци и неопходни продукти за да им се обезбеди кров над глава на сите оние што во пожарот ги загубија нивните домови. Волонтери, организации, граѓани, грчките општини, веќе започнаа хуманитарни акции за помош на настраданите. Се спроведуваат и вонредни економски мерки од грчката влада за настраданите во пожарите. Министерството за финансии одвои 20 милиони евра, ќе се отвори и специјална банкарска сметка за донации, додека пак за настраданите предвидени се и даночни олеснувања. Откако ќе се регистрираат материјалните штети, грчката влада ќе објави дополнителни пакет мерки за поддршка на семејствата на жртвите и на оние чии домови беа уништени.

На три жаришта гореле 15 пожари кои брзо се прошириле кон населените места. Грчките власти се сомневаат дека пожарот е предизвикан од човечки фактор.. На социјалните мрежи се споделуваат видеа на кои се гледа како луѓе подметнуваат пожар.

Грчкиот митропполит Амвросие ги обвини премиерот Алексис Ципрас и неговиот атеизам дека се виновни за катастрофалните пожари.

– Атеистичкиот премиер Ципрас предизвика бес на Бога. Грција ја упропастија пожари и поплави. Ципрас не е верник, пожарите се всушност Божја казна за премиерот неверник, напиша тој на својот блог.

Во Грција од вчера, со одлука на грчката влада, е прогласена тридневна национална жалост.