});

Борисов го искара, Заев побрза да се извини

Борисов го искара, Заев побрза да се извини. Откако бугарскиот премиер вчера остро го нападна македонскиот колега дека треба два пати да мисли пред да изјавува дека илинденско  востание е македонско, Заев не почека ни еден ден, па експресно на фејсбук се обрати на пријателите во Бугарија.

,Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство, пишува премиерот.

Борисов порачува дека треба два пати да мисли пред да рече нешто, бидејќи, како што вели тој, доаѓа време кога земјите членки на ЕУ ќе одлучуваат за судбината на Македонија.

-Ги оставам сите да ги премеруваат своите приказни, тоа е на негова сметка. Без разлика дали го кажал тоа намерно или ненамерно, се оди на негова сметка, бидејќи кога станува збор за ЕУ и ние мораме исто така да дадеме согласност, а ние  во тие моменти ќе се сетиме на тие работи. Мој совет е да се биде повнимателен – рече Борисов.

Изјавата на македонскиот премиер ги разгоре реакциите на бугарските официјални лица, па шефицата за надворешни работи Екатерина Захариева во одбрана на Борисов вели Илинденското востание географски може да биде наречено македонско и тракиско но историски е само бугарско. Речиси истовремено со неа, бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов го осуди Заев за изјавата дека Илинден е македонски и побара официјална реакција од бугарското министерство за надворешни работи. Вели дека разбира оти Заев е напаѓан во сопствената земја поради потпишаниот Договор за добрососедство и дека сега се обидувал на таков начин да се извлече од критиките, но му порача, ако навистина верувал во своите зборови дека востанието е македонско, тогаш да започне да ја чита историјата.

Официјална Софија не пропушти да му забележи на Заев за Илинденското востание , ама остана без реакција кога токму македонскиот премиер во изјава за една телевизија вели дека е горд што како прв премиер го чествува најголемиот македонски празник Илинден во Благоевград па дури и се поклонил според него на гробот на Гоце Делчев.

Ивана Соколовиќ Најдова